Овошјето и зеленчукот- најдобри состојки за есенска нега на нашата кожa

септември 3, 2019zacinetosoljubov

Секое годишно време е убаво на свој начин и различно делува врз здравјето и убавината на нашата кожа. Иако деновите се сеуште топли и убави, календарски летниот период веќе измина и полека зачекоривме во првите денови од есента. Кај некои од нас летото остави прекрасни спомени од одморите и убав тен, меѓутоа не се ретки случаите кај кои претераното изложување на сончевите зраци, морската вода и хлорот од базените резултира со посува кожа, темни дамки на лицето, кожа која изгледа постаро и без сјај.

Многумина од нас спасот за сите овие состојби го бараат во скапите козметички производи и третмани, не знаејќи дека понекогаш лекот е пет пари и се наоѓа во нашите ладилници. Токму така, сезонските овошје и зеленчук ќе ни помогнат да ја вратиме правилната хидратација на кожата, да го спречиме дејството на слободните радикали, да го спречиме предвременото стареење на кожата и да се ослободиме од мртвите клетки од површинскиот слој на кожата. Во продолжение би сакала да ви дадам неколку многу лесни и едноставни маски (за сите типови на кожа) кои за месец дена ќе го вратат сјајот и убавината на вашата кожа. Ајде да започнеме. 

1. Витаминска маска за проблематична кожа од зелена салата.

Зелената салата е еден од најупотребуваните зеленчуци кој им прави друштво на скоро сите јадења. Овој зеленчук го има во текот на целата година. Онаа летната салата се сади од март до август, а се собира од јуни до октомври. Благодарение на големата количина на витамини, зелената салата има омекнувачко, смирувачко, освежувачко и прочистувачко дејство врз кожата. 

Во продолжение ќе ви дадам една многу лесна витаминска маска за проблематична кожа склона кон акни. Измијте неколку свежи листови од зелена салата, нежно отстранете го вишокот на вода и згмечете ги со помош на еден толчник. Доколку немате толчник може да користитете и блендер. Добиената смеса ставете ја на убаво исчистено лице и оставете да делува околу 10 мин. Отстранете ја со помош на едно сунѓерче и исплакнете го лицето само со вода. Оваа маска се прави еднаш неделно и се користи во моментот на подготовка. 

2. Витаминска избелувачка маска за кожа со темни дамки со шипка

Шипката е природен рудник на Ц витамин и токму поради тоа е една од најдобрите состојки за подобрување на темните дамки на лицето. Претставува моќен антиоксиданс и го спречува штетното дејство на слободните радикали. Доколку летото оставило по некоја темна флека на вашето лице сѐ што треба да направите е да земете неколку плодови на свежа шипка и да го изблендирате сѐ додека не ги претворите во погуста хомогена смеса. Нанесете ја на убаво исчистено лице околу 10 мин., отстранете ја и убаво измијте го лицето само со вода. Оваа маска се прави еднаш неделно и се користи во моментот на подготовка. 

3. Маска за сува и возрасна кожа со тиква

Тиквата е дефинитивно есенска кралица и од огромна важност за здрава, убава и сјајна кожа. Богата е со витамин Ц и витамин А што ја прави одлична за сува и возрасна кожа со брчки. Сѐ што ви е потребно за подготовка на оваа маска е варена тиква и мед. Земете едно средно парче варена или печена тиква и згмечете го со помош на една вилушка. Додадете малку мед колку да добиете убава смеса и нанесете ја на убаво исчистена кожа на лицето. Отстранете ја по 10 мин. со помош на едно козметичко сунѓерче и измијте ја само со вода. Оваа маска се прави еднаш неделно и се користи во моментот на подготовка

4. Омекнувачка маска за чувствителна кожа со костен 

Мора да признаам дека костенот е една од моите омилени есенски намирници. Го обожавам во сите варијанти, а особено печен. Богат е со витамин Ц, има антиоксидантно дејство и одличен баланс на минерали како фосфор, сулфур, магнезиум, калциум и железо. Токму затоа, костенот е од огромна помош во случај на чувствителна кожа или пак кожа со дерматит. Сѐ што треба да направите е да згмечите неколку варени костени и да додадете малку јогурт колку да направите убава хомогена смеса. Истата нанесете ја на убаво исчистена кожа на лицето и оставете да делува околу 10 мин. По истекот на времето остранете ја со помош на едно козметичко сунѓерче и исплакнете со вода. Оваа маска се прави еднаш неделно и се користи во моментот на подготовка. 

Се надевам дека овие едноставни но многу функционални маски ви се допаднаа и дека ќе ги вметнете во вашата есенска нега. Верувајте ми, кожата на вашето лице ќе ви се заблагодари блескајќи со целиот свој сјај и убавина, а вие ќе бидете задоволни од ефектот и резултатот. Повеќе вакви рецепти ќе најдете во мојата книга “Природно убави со Биодевојка”.

Вики Андонова

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Предходна објава