Вегетаријанска исхрана во бременоста

јули 17, 2019zacinetosoljubov

Може ли да се продолжи со вегетаријанска исхрана и за време на бременоста?

Многу светски и национални диететски и здравствени организации (меѓу кои и British Nutrition Foundation и Academy of Nutrition and Dietetics) се согласуваат околу тоа дека доколку вегетаријанскиот начин на исхрана е добро испланиран, може сосема безбедно да се применува при бременост.

Дали овој тип на исхрана може да ги обезбеди сите потребни хранливи материи?

Да, доколку правилно се испланира. Сепак ќе го нагласиме делот со “доколку правилно се испланира“, бидејќи неизбалансирата и несоодветно применувана вегетаријанска исхрана секако може да резултира со одредени недостатоци на витамини/минерали, што секако може да се случи и со сите други начини на исхрана ако не се применуваат соодветно.

Која храна треба да биде присутна во вегетаријанското мени на трудниците?

Сè што е природно и вегетаријанско .Јас би нагласила да се внимава на внесот на протеини и есенцијални масни киселини (омега-3 масните киселини), т.е. да не се избегнуваат туку напротив почесто да се употребуваат: мешунките, јатките, семките, семињата, јајцата и да се употребуваат здрави масла и масти како маслиновото масло и лененото масло. Многу овошје и зеленчук, и максимална редукција на употребата на индустриски преработената храна.

Дали треба да се земаат дополнителни витамини и минерали?

Кога станува збор за вегетаријански начин на исхрана најчесто како витамини/минерали од кои може да се јави недостаток се споменуваат: железо, витамин Д, витамин Б12 и цинк.

Доколку има медицински оправдана причина, може да се суплементира железо или витамин Д, но нивна употреба без причина не се препорачува, т.е. со правилен начин на исхрана и со разумно изложување на сончева светлина може да се задоволат потребите од железо и витамин Д. Сепак при поупорна анемија треба да се размисли за суплементација со железо, и во зимо или во случаи кога трудницата не е во можност да поминува доволно време на сонце треба да се размисли за суплементација на витамин Д.

Витамин Б-12 треба да се суплементира доколку се внимава на тоа да се минимизира внесот и на останатите производи од животинско потекло кои инаку се составен дел од вегетаријанскиот начин на исхрана. Инаку со редовна употреба на јајца, млечни производи од животинско потекло и производи кои се фортифицирани со витамин Б-12, суплементацијата со овој витамин најверојатно нема да биде потребна. Како и да е мој став е дека ако на нешто треба да се внимава тоа е овој витамин, затоа редовно контролирајте го нивото на Б-12 во вашиот организам уште пред бременост и по потреба земајте суплементи со Б-12.

Проблемот со цинкот и вегетаријанскиот начин на исхрана не лежи во тоа што вегетаријанската храна е сиромашна со цинк, туку во тоа што цинкот од растителните извори потешко се апсорбира, бидејќи фитинската киселина ја намалува стапката на неговата апсорпција. Значи треба да внимавате на фитинската киселина и на другите супстанци што ја отежнуваат апсорпцијата на цинкот, а не само на количината на цинк. Затоа треба да ги киснете јатките/ семките/ семињата/ мешунките/ житарките и така ќе го направите “растителниот цинк“ полесно достапен за вашето тело.

Дипломиран нутриционист
Маја Велковска

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Предходна објава Следна објава